ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Како доволно да го овенчам со пофалби божествениот Еразмо кој, исполнет со мудрост, не искусил осквернение. Но, бидејќи ја имам силата на зборовите, ќе речам: Колку што сонцето ја оживотворува вселената со светлите зраци, толку богоносецот ја просветли околината со безбројни чудотворства. Откако го заврши патот на своето мачеништво, наредува да викаме: Господи, слава Ти!“ (икос на Утрена на св. Еразмо Охридски). И оваа година свештенството и верниот народ од нашата Епархија торжествено го прославија споменот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец, кој засветли на нашите простори уште на почетокот на ширењето на христијанството, во време кога христијаните беа гонети заради името Христово. И иако се поминати речиси седумнаесет векови од неговата мисија и неговото преселување кај Бога, споменот на Божјиот светија ниту избледнал ниту, пак, ќе исчезне од срцата и душите на оние кои постојано го молат за неговото застапништво и чудотворство. Празнувањето на нашиот Охридски сакан богоносец започна на 14 јуни 2023 година, во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ в Охрид, кога во Вечерните часови беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. Утредента, на 15 јуни, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуиваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројниот верен народ, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

„Како доволно да го овенчам со пофалби божествениот Еразмо кој, исполнет со мудрост, не искусил осквернение. Но, бидејќи ја имам силата на зборовите, ќе речам: Колку што сонцето ја оживотворува вселената со светлите зраци, толку богоносецот ја просветли околината со безбројни чудотворства. Откако го заврши патот на своето мачеништво, наредува да викаме: Господи, слава Ти!“ (икос на Утрена на св. Еразмо Охридски).

И оваа година свештенството и верниот народ од нашата Епархија торжествено го прославија споменот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец, кој засветли на нашите простори уште на почетокот на ширењето на христијанството, во време кога христијаните беа гонети заради името Христово. И иако се поминати речиси седумнаесет векови од неговата мисија и неговото преселување кај Бога, споменот на Божјиот светија ниту избледнал ниту, пак, ќе исчезне од срцата и душите на оние кои постојано го молат за неговото застапништво и чудотворство. Празнувањето на нашиот Охридски сакан богоносец започна на 14 јуни 2023 година, во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ в Охрид, кога во Вечерните часови беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. Утредента, на 15 јуни, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуиваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројниот верен народ, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денешното свето Евангелие, всушност, е продолжение на петнаесеттата глава од Евангелието според св. Јован Богослов. Господ Исус Христос, подготвувајќи се за Своето крстно страдање, постапно ги подучувал Своите ученици за Своето неминовно страдање, а кое ќе послужи за спасение на човечкиот род. Затоа и им зборува на апостолите: Јас сум вистинската лоза, Мојот Отец е лозарот. Секоја прачка во Мене, што не дава род, Он ја отсекува; и секоја, што дава род, ја очистува, за да принесе повеќе род (Јн. 15, 1-2). Со тоа сакал да им каже на апостолите дека Он е испратениот и возљубен Месија, Кој е дојден да го спаси човечкиот род од пропаст. Но, затоа треба и да претрпи страдања.


Овие зборови кај апостолите природно предизвикувале соблазна, а истовремено и страв да не бидат и тие фатени и подложени на страдања заедно со својот Учител. Затоа Господ Христос се оддалечува од тоа место, и сакајќи да ги спаси и да бидат сокриени од непријателите ги носи во поскриено место, но, место кое Неговиот предавник Јуда добро го познавал. Со други зборови, Христос од една страна ги заштитува Своите апостоли, а од друга страна Самиот оди на доброволно страдање. Но, и ги подучува апостолите: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг. Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази (Јн. 15, 17-19). За да не помислат апостолите дека Господ ги укорува, Он им кажува дека ќе си ја положи душата Своја за нив оти ги избрал. Он не кажува нешто за Себе за да се пофали или да укаже на некое достоинство, туку за да ги утврди уште повеќе нивните души во љубовта еден кон друг. Затоа и им вели: љубете се еден со друг!


Он, Кој ќе претрпи гонење, сака да ги утеши, но и да ги предупреди дека ако и Него Го мразат, да знаат дека и нив ќе ги гонат, а Он бил замрзен пред нив. Христос ги уверува апостолите дека тие не се од овој свет, туку дека се избрани од Бога за да го просветлуваат и осветуваат човечкиот род кој е паднат во грев. Им кажува дека тие се оние кои треба да светат и да го просветуваат родот човечки, но и дека злото коешто постои кај луѓето ќе се нафрли врз нив и тие ќе страдаат заедно како и нивниот Учител. Затоа и на друго место им вели: Нема ученик поголем од својот учител (Мт. 10, 24). Преку овие зборови Христос ги утврдува апостолите за нивната идна дејност и служба, како апостоли на Евангелието и проповедници на Словото Божјо, но и ги предупредува дека ќе поднесат и тие разни страдања, а сѐ за слава на Бога. Он им кажува дека оние кои ќе ги гонат и убиваат, пред сѐ, ќе бидат првенците на еврејскиот народ, фарисеите, садукеите и книжниците, кои го толкувале законот на само за нив својствен начин, надвор од суштината на Стариот завет, па затоа и ќе ги кренат своите раце на Господа.


Денеска ние прославуваме еден од проповедниците на Словото Божјо, св. Еразмо Охридски, кој е втор проповедник на македонската земја, по св. ап. Павле. Овој ерарх на светата Црква бил свештеномаченик, кој прогонет од Антиохија доаѓа на овие наши простори во втората половина на III век и го проповеда Евангелието на нашите предци во Охрид. Тој е сличен на апостолите, бидејќи заради Словото Божјо и заради неговото проповедање ќе претрпи страшни страдања и маки и прогонства од Сирија до Македонија, но постојано ќе го слови зборот Божји и ќе придобие голема паства која ќе го следи неговото учење. Истото тоа негово стадо ќе го сее христијанското семе на оваа почва, за што ни сведочат и денешните артефакти од IV и V век, односно базиликите, како што е базиликата на св. Еразмо, која што е во близина на овој свет манастир, а и многу други сакрални објекти во околината на Охрид и Струга. Св. Еразмо ќе го заврши својот живот маченички во Јужна Италија во Формија, а неговиот гроб денеска се наоѓа во Гаета. Да се обратиме со искрена вера кон св. Еразмо, тој да нѐ осветли и просветли, па и ние да го следиме Словото Божјо, со љубов и достоинство еден кон друг, а преку тоа да посведочиме дека сме Христови следбеници, не само со збор, туку и со дела. По молитвите на св. Еразмо, така нека биде. Амин.

Св. Еразмо Охридски
Ман. „Св. Еразмо Охридски“
15.06.2023 г.

 

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: