Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Свињарски идентитет

Свињарски идентитет (27.11.2021 16:55)

Бесомачениот што Христос го исцели побара да оди по Него, а локалните жители останаа без Него затоа што не Го примија, односно, побараа да си оди од нивниот крај. Ова евангелско четиво (Лука 8, 26–39) покажува дека видливо бесомачените можат полесно да бидат исцелени, бидејќи тие, потполно обземени од демонот, остануваат без можност слободно да одлучуваат за своето спасение; а оние што си мислат дека се духовно здрави а не се, многу потешко; бидејќи, ако според своја слободна волја останат робови на страстите, остануваат и неисцелени.

            Слободната волја е како меч со две острици, бидејќи можеме да ја исползуваме за да го достигнеме подобието Божјо, а злоупотребувајќи ја можеме и да отпаднеме од Бог. А Бог ја почитува нашата слобода, затоа што ако се наруши слободата, се нарушува и Неговиот лик во нас, според кој сме создадени; и каде што се нарушува слободата, таму се нарушува сѐ.

            Зошто не Го примаме Богочовекот Христос? Поради задоволувањето на нашите страсти, кои ни станале поважни од Него. Примерот со луѓето од земјата Гадаринска ни покажува дека ним им беа многу поважни свињите (т.е. имотот), поради страстите среброљубие и сластољубие, отколку Христос; овие страсти се оние што се нарекуваат погруби и преку кои демонот најнапред напаѓа. А што да речеме за посуптилната страст на умот, како што е високото мислење за самите себе, т.е. суетата, преку која демонот нѐ држи заробени и преку која сериозно дури на крај нѐ напаѓа, односно која е последна на ред да се преобрази пред да се премине од еден степен на духовен раст на друг? Само поради славољубието нашето срце останува затворено за умно-срдечната молитва и умот непросветлен, а единствен лек за тоа е послушанието во анонимност.

            Според Преданието на Светите oтци и учењето на Црквата, демонот го зазема центарот на нашето срце пред Крштението. Но, кога човекот на Крштението ја прима благодатта Божја во центарот на срцето, тогаш демонот се изгонува надвор од центарот и се сместува во околината на срцето. Сè додека срцето е заробено од страстите и сè додека доволно не се очисти, односно додека човекот не дојде до вториот степен oд духовниот раст – молитвата на умот во срцето и просветленоста, демонот останува во околината на нашето срце и го држи, преку разгорување на страстите и помислите, заробено и затворено за умот. Тоа е таа скриена демоноопседнатост.

Треба да знаеме дека демонот нè напаѓа преку мислите, идеите на неговиот развратен ум, пренесени до нашиот ум со неговата енергија. Ако ние во умот го прифатиме она што тој ни го предлага, односно ако се согласиме со неговата мисла, ја губиме благодатта и се затемнуваме. Значи, благодатта ја губиме не кога демонот нè напаѓа со некаква си своја зла (негативна) енергија, туку тогаш кога ние го прифаќаме, со слободна волја, во срцето, она зло што тој ни го предлага преку помислите.

И свињите и свињарите побегнаа од Христос, само што првите (иако бесловесни) се издавија, не можејќи да ги трпат демоните во себе, а другите – не препознавајќи ги демоните во себе, обземени од внатрешниот демонски страв и за да се оправдаат за загубениот имот, ги уплашија со Богочовекот Христос и другите жители слични на нив. Свињари се оние што ги задоволуваат своите страсти, а свињи се страстите.

„И сиот народ од гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу.“ Посебно ги уплаши исцелението на демонизираниот. И јасно е зошто: присуството на Човек со власт и сила на слово ги распаметува славољубивите; и демоните и луѓето. А тоа е тој „свињарски идентитет“, поради кој се откажуваме од Христос и од христијанскиот идентитет.

Господи Исусе Христе, Сине Божји, преку Богородица, откриј ни ја јасно нашата скриена демоноопседнатост и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: