Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Да застанеме добро, да стоиме со страв!

Да застанеме добро, да стоиме со страв! (21.11.2021 09:55)

Во денешното евангелие Господ ни ја објаснува светотаинската хиерархиска структура на подвигот на љубовното послушание во Црквата: „Кој ве слуша вас [значи Апостолите или денес Епископите], Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној Кој Ме пратил“ (Лука 10, 16).

Интересно е што токму ова евангелие, кое се однесува на послушанието, Светата Црква го определила како најсоодветно за денешниот ден, кога го чествуваме светиот архангел Михаил.

Црквата Божја сака да ни каже дека послушанието кон Бог и љубовната посветеност Нему го прават и обичниот ангел – архангел, а дека непослушанието и самољубието и од архангелот можат да направат демон. Истото важи и за луѓето; и многупати досега сме го виделе тоа.

            Борбата против апсолутната гордост, против духовите на злото од поднебесјето, се одвива со апсолутно смирение, т.е. со апсолутно послушание. Господ Христос со личен пример ни го покажа, го востанови и ни даде сила за подвигот на апсолутното послушание: „Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Филип. 2, 8). Секако, апсолутното послушание не Му беше потребно Нему, туку ни е потребно нам.

            „Се вратија пак седумдесеттемина [од подвигот на послушанието] со радост и велеа: ’Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат‘. А Он им рече: ’Го видов сатаната кога падна од небото како молња. Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии и на секаква демонска сила; и ништо нема да ве повреди; но не радувајте се на тоа дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се што имињата ваши се напишани на небесата‘“ (Лука 10, 17–20).

Со други зборови Христос им вели: „Не радувајте се на Моите дарови, на новостекнатата слава како и власт над демоните, туку радувајте се на Мене, радувајте се на заедницата со Мене и радувајте се што Мојот Небесен Отец ве направи чеда Свои по благодат, а Мои браќа (и сестри). Зашто и сите дарови на овој свет да ги имате, Мене ако Ме немате, ништо немате и ништо не сте“. Да, затоа што ние само посветено Му служиме на својот Отец Небесен и ништо друго, а нашата радост произлегува од нашето восиновување, од фактот дека сме Негови чеда, а не од власта за некакво си изгонување на некакви си мизерни бесови; и толку.

              Поради таа едноставна вера и доверба во Бог и послушание, обични и непознати луѓе станаа апостоли, станаа маченици, станаа преподобни, станаа јуродиви, станаа учители на Црквата и станаа деца Божји, по благодат. Но, битно е дека тие тоа не го бараа, им беше доволно и им беше голема чест само тоа: да Му служат на единствениот вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух. И да не заборавиме: без разлика какви последици ќе трпат од тоа.

Поради таа едноставна вера и доверба во Бог и послушание, и обичниот и непознат ангел Михаил стана Архангел, прв ангел до Бог. Некогаш, во кризниот момент на општо отпаѓање на ангелите излажани од дотогаш најсветлиот и најблискиот ангел до Бог, а сега гордиот и мрачен архидемон, тој обичен но послушен ангел застана на средината од Небото и рече: „Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ – повикувајќи ги на тој начин останатите ангели да останат со љубов и послушание во воспоставениот ред и поредок од Бог, својот Создател.

            Обичниот ангел Михаил со оваа постапка немал идеја да стане главен ангел и немал идеја да стане пославен од сите ангели – чувај, Боже, од таква хула и срамна помисла! – тој имал желба ако треба и да се жртвува за Бог: од љубов кон Него, а само заради исполнувањето на Неговата волја и во Негова слава; и толку. Но, поради верноста и љубовта што ги пројавил, во само еден момент, од Бог му била дадена најголемата величина што ангелскиот свет можел да ја има – станал архангел, начелник и предводник на сите ангели. Еосфорос, дотогаш најсветлиот ангел, избледел пред светлината со која тогаш проблеснал свети архангел Михаил, а сите ангелски чинови и целата ангелска војска виделе друга светлина, друг ориентир, кого требале да го следат.

            Мислите ли дека на Михаил и сега му е важно тоа дали е обичен ангел или архангел? Не, тој само верно Му служи на својот Бог, не обрнувајќи внимание на тоа во каков чин, и тоа му е единствено важно; и толку. А за тоа треба фанатизам: Му служиш на својот Бог без разлика какви последици ќе имаш од тоа или каква слава ќе имаш од тоа.

Но, оваа основна и суштинска тајна на нашиот христијански подвиг – послушанието, не сакаат сите да ја откријат и познаат: „Во тој момент се возрадува Исус во духот и рече: ’Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од премудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, Оче, зашто таква била волјата Твоја‘“.

Кога говори за премудри и разумни, Богочовекот Христос мисли на оние кои го отфрлаат подвигот на послушание и смирение и се потпираат само на својот разум и мудрост. А, кога говори за простите, мисли на оние кои едноставно, како деца Божји, заради исцеление на своите ум, срце и душа, иако разумни и мудри се сметаат себеси за неразумни и немудри, и до моментот на откривање на местото на своето срце пребиваат во подвигот на апсолутно послушание, исполнувајќи ги во пракса, со едноставна вера и доверба во Бог, Христовите зборови: „Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша“. Само конкретното и апсолутно послушание е подвиг на вистинска аскетска љубов во пракса, без која, пак, не може да се достигне благодатната љубов... 

              Поради застапништвото на светиот Архангел Михаил, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нас!

Митрополит Струмички Наум

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: