Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Вие, бесребреници, се просветливте како добросјајно злато, со Божествената благодат на исцеленија збогативте мнозина. Затоа имајте милост кон нас, кои сме бранувани од лути напади на искушенија“ (песна од Канонот на Утрена на светите бесребреници Козма и Дамјан).   На 14.11.2021 година, во Дваесет и првата недела по Педесетница и на празникот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан и на преп. мч. Јаков Костурски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изврши преосветување на светиот Престол во храмот „Св. Козма и Дамјан“ (голем „Св. Врачи“) во Охрид. По преосветувањето на Престолот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

„Вие, бесребреници, се просветливте како добросјајно злато, со Божествената благодат на исцеленија збогативте мнозина. Затоа имајте милост кон нас, кои сме бранувани од лути напади на искушенија“ (песна од Канонот на Утрена на светите бесребреници Козма и Дамјан).

 

На 14.11.2021 година, во Дваесет и првата недела по Педесетница и на празникот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан и на преп. мч. Јаков Костурски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изврши преосветување на светиот Престол во храмот „Св. Козма и Дамјан“ (голем „Св. Врачи“) во Охрид. По преосветувањето на Престолот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Светото Евангелие секогаш ни зборува за нашето спасение, зашто кога поучувал нашиот Спасител Господ Исус Христос додека бил на земјата, тоа била основната цел на Неговото учење. Тоа постојано нѐ поучува како да живееме на земјата и ни ја објаснува смислата на зборот Божји. Евангелието многу посилно и подобро го разбираме кога го слушаме во црква, отколку кога го читаме во нашите домови. Така е затоа што овде сме собрани од Светиот Дух во името Божјо и онака како што вели Христос: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив" (Мт. 18,20).


Денешното Евангелско четиво кое го слушнавме за време на Литургијата е познато како парабола за сејачот и семето. Христос секогаш употребувал разни параболи, земајќи примери од секојдневниот живот на луѓето, сѐ со цел тие да бидат подобро разбрани и подостапни за слушателите на кои им го словел словото Божјо. Ова е една проста, но истовремено и мудра парабола. Изговорена е од устата на Богочовекот Христос. Евангелието зборува за сејачот кој излегол да сее. Едно семе паднало покрај патот, друго на камења, трето на трње, а четврто на добра почва и тоа донело богат плод. Се поставува прашањето: Кој е сејачот и кое е тоа семе? На ова прашање одговара Самиот Господ Христос: Сејачот е Самиот Христос, кој поради Своето човекољубие и Својата снисходливост, неразделно излегол од прегратките на Отецот, но не дошол за да ја изгори клетата земја и лошите срца, не за да ги исече трњата, туку за да сее. Но какво семе? Мојсеево ли, или, пак, од пророците? Не! Тој го посеал Своето семе, односно го проповедал светото Евангелие.


Оваа парабола носи голема поука за секоја христијанска душа, зашто семето кое Христос го сее е Неговата божествена наука, а почвата на која паѓа се нашите души. Во зависност од тоа дали и колку сме подготвени да го примиме тоа семе, да го засакаме и да го негуваме, тоа ќе фати корен и ќе да даде плод и ќе ја почувствуваме благодатта Божја. Може и да не го прифатиме, да го одбиеме и тогаш нема да даде плод. Затоа Христос ја толкува оваа парабола, укажувајќи дека семето што ќе падне покрај пат, брзо е нападнато од лошите духови, односно демоните и тоа не наоѓа соодветна почва. Тука птиците небесни кои го симболизираат демонот, го колваат семето и го уништуваат. Семето кое ќе падне на камен се луѓето кои набрзина Го прифаќаат, но немаат вистинска почва, па и најмалите искушенија кои животот ги носи се причина за да се откажат од Него. Третото, пак, кое ќе падне меѓу трње почнува да расте, но трњето го задушуваат и тоа не може да вирее. Страстите и слабостите на човекот се како трње кои кога ќе го надвладеат го гушат човекот и тој не може да даде соодветен плод. Четвртото семе, кое паднало на плодна почва донесува род, зашто паднало на души и срца кои се подготвени да го примат, а истовремено можат да одолеат на сите страсти и слабости кои животот ги носи кај секој човек. Таквите луѓе се спасуваат и го наследуваат царството небесно.


Но, Господ Христос појаснува дека и оние што ќе го примат семето, принесуваат различен принос на Бога. Некои 100, други 60, а трети 30. Тоа кажува дека не сите христијани и не сите Божји угодници се еднакви пред Господа. Затоа и таму има степенување.


Прославувајќи ги денеска светите бесребреници Козма и Дамјан, може да се поучиме од нив и да видиме дека семето Божјо во нивните срца нашло плодна почва. Тие го употребиле дарот од Бога да лекуваат без да наплаќаат за тоа, на тој начин исполнувајќи ја Евангелската заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте" (Мт. 10, 8). И ние кои се собравме во овој свет храм да се обратиме со искрена молитва кон светите бесребреници за тие да бидат застапници за нас. Евангелското сме да најде плодна почва во нашите срца и души, па и ние да се вброиме во оние што го негуваат семето и кое донесува плод. Амин!


Свети Врачи Козма и Дамјан и 21 недела по Педесетница
Храм „Големи Свети Врачи" Охрид
14.11.2021 год.

 

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: