ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Почитувани верници, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена на Вечерната богослужба во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, а по повод празникот Сретение Господово. 

Почитувани верници, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена на Вечерната богослужба во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, а по повод празникот Сретение Господово. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашата света православна Црква е богата со убави традиции, обреди и празници. Помеѓу нив се и големите дванаесет Господови празници, како и Богородичните, кои се поврзани со земниот живот на Спасителот и на Пресвета Богородица. Како таков празник се јавува и празникот Сретение Господово. Во народот постојат најразлични верувања и суеверија, но ние ќе се задржиме на смислата и значењето на овој празник, кои имаат духовна поврзаност со воплотувањето и исполнувањето на волјата Божја.


Кога царот Птоломеј ја основал славната Александриска библиотека, наредил да се преведе книгата Библија од еврејски на грчки јазик. Тогаш од јудејскиот народ биле избрани седумдесет мажи, кои го познавале законот и двата јазика. Во бројот на тие луѓе се нашол и Симеон, благочестив и праведен маж (Лк. 2, 25). Кога ја преведувал книгата од Исаија, каде се пророкува дека Спасителот ќе дојде, односно ќе се роди од девојка (Ис. 7, 14), тоа го збунило и зел нож и сакал да го иструже зборот Дева и да напише жена, затоа што во тоа време не било поимливо тоа дека Дева може да роди. Но, веднаш пред него се јавил ангел Господов и го предупредил старецот за неговата помисла, велејќи му: верувај во тоа што е напишано, а ти со свои очи ќе го видиш исполнувањето на напишаното и нема да починеш сѐ додека не Го земеш Спасителот во своите раце – што и се случило (Лк. 2, 26-32).


Старозаветниот закон предвидувал првенците да се претстават пред Бога на четириесеттиот ден по раѓањето, а тоа било почитување на избавувањето на чудесен начин на Израилскиот народ од Египет. Како што ни е познато, ропството било казна за Израилскиот народ, спроведена преку фараонската огромна сила, но Божјата љубов кон народот Израилски ќе ги ослободи од тоа ропство. Христос, како Син Божји, немал потреба од ваквото исполнување на Јудејскиот закон, но, сепак, Он го исполнил законот со точност. Сега се поставува прашањето – зошто? За да ни даде пример на сите како треба да се исполнува постојниот закон. И така, денеска законот е исполнет, Божествениот Младенец се претставува пред Бога и родот човечки му испраќа два ангела во тело, праведниот Симеон и пророчицата Ана. Зошто Симеон? Затоа што во него бил целиот свет на добродетели, бил човек праведен, со љубов кон ближните и благочестива љубов кон Бога, чекајќи ја утехата на Израилот со вера во вистинскиот Месија. Подобри совршенства не ни можело да се очекува од луѓето во Стариот завет, но во Симеон имало и повеќе од тоа, бидејќи Светиот Дух бил врз него (Лк. 2, 25).


Токму за тој човек било одредено да Го прими на своите раце Богомладенецот, бидејќи Он требало да биде примен од достојни раце на свештеник, исполнет со благодат и благочестивост, што не било случај со останатите служители на олтарот.


Преданието зборува дека Симеон поживеал 366 години, и кога родителите според Мојсеевиот закон Го донеле Христа во храмот, тогаш старецот го зел Младенецот во своите раце, ја видел утехата на Израилот и ја изговорил прочуената молитва: Сега го отпушташ својот раб Владико, според зборовите Твои, зошто моите очи го видоа спасението Твое (Лк. 2. 29-31). Симеон, кој долго живеел во исчекување да Го сретне избавителот, бил предупреден, односно вдахновен од ангелот Божји да се најде во храмот и на свои раце да Го носи Богомладенецот и да бара благослов од Него. Заедно со праведниот Симеон, и пророчицата Ана пророкувала со својот живот. Затоа и таа поживеала долги години во храмот како вдовица и затоа и била удостоена и таа да Го види Спасителот на светот и проповедала на посетителите.


Како ние да се спасиме и како да заслужиме заедништво со Спасителот на светот? Патот кон тоа е и лесен и тежок во исто време. Потребно е силна и непоколеблива вера во Христа, во Неговото свето Евангелие, придружена со исполнување на заповедите Господови, со носење на својот крст без роптање против Бога, со служење со љубов на Господа и на луѓето, со принесување искрено покајание за сѐ што сме згрешиле. Тогаш Господ ќе биде милостив кон нас и ќе нѐ прими од десната страна на судниот ден. Потребно е да се очистиме од секаква скверност на гревот, да се обновиме во покајание и исправен духовен почеток, потребно е да се уподобиме на блажениот старец Симеон и мирно и радосно со добра вера и спасителна надеж да одиме во овој времен живот и да принесеме колку е можно повеќе добри дела. Да бидеме и ние како светите Симеон и Ана со скрушено срце и смиреност, да Го примиме Господа, кога Он доаѓа во благодатните Свои посети, да Го примиме со чиста душа и да Му служиме, а сето ова ќе послужи за наше спасение. Амин.

 

Вечерна на Сретение Господово
Капела во Митрополитска резиденција
Охрид
14.02.2023 г.

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: