На 10.06.2023 год., во манастирот на св. великомаченик Георгиј во с. Дељадровце, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Кумановско-осоговски г.Григориј служеше заупокоена Литургија. По завршувањето на литургијата, митрополитот Кумановско-осоговски г.Григориј, заедно со митрополитот Европски г.Пимен, митрополитот Брегалнички г.Иларион и митрополитот г.Јосиф извршија панихида за блаженоупокоениот Митрополит Полошко-кумановски г.Кирил.
Блаженоупокоениот митрополит Полошко–кумановски Кирил, беше еден од основоположниците на автокефалноста на Македонската Православна Црква-Охридска архиепископија, кој потпис за навек ќе стои на Одлуката за автокефалност од 1967 година. Имаше добиено многу признанија, почести и одликувања, како Орденот заслуги за народ, и прогласувањето за почесен граѓанин на над петнаесет градови во САД, Канада и Австралија.
Роден беше во селото Царев Двор, Преспа. Средно богословско училиште завршил во Призрен, а 1964 година се замонашил во манастирот Света Пречиста во Кичево. Се запишал на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск, од каде две години пред завршувањето бил повикан во Македонија. На 11 јули 1967 година во тогашниот соборен храм Свети Димитриј во Скопје, бил хиротонисан во чин викарен епископ со титула Тивериополски. За митрополит на Полошко-кумановската епархија бил назначен во 1987 година. Дотогаш својата духовна служба подолго време ја вршел низ црквите во Австралија, САД и Канада, и е еден од основоположниците на прекуокеанските епархии на МПЦ.
БОГ ДА ГО ПРОСТИ И ВЕЧЕН ДА МУ Е СПОМЕНОТ!
Login with a social network