Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Во продолжение Ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј, изговорена пред Литургијата на монашењето на празникот Рождество на св. Јован Крстител, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, на 07.07.2022 година.  

Во продолжение Ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј, изговорена пред Литургијата на монашењето на празникот Рождество на св. Јован Крстител, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, на 07.07.2022 година.

 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Сите ние како христијани сме повикани да бидеме послушници Божји. Самиот Син Божји за Себе вели: „Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати" (Јн. 6, 38). Тој со потполно смирение ја извршувал волјата на небесниот Отец, благовестејќи го спасението и принесувајќи жртва на Божјата љубов за луѓето. Исус Христос ја исполнува волјата Божја во сите прилики, незгоди, искушенија, мачења и страдања. Колку е за восхит примерот на Божјото послушание кога Исус во Гетсиманската градина, гледајќи ја чашата на страдањето што треба да ја испие, молејќи се, вели: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти" (Мт. 26, 39). Исус Христос во молитвата Оче наш, во најсилната прозба на човекот кон Бога вели: „да биде волјата Твоја" (Мт. 6, 9).


Така се молеле сите Христови ученици и сите праведни и свети. Во што се состоел подвигот на угодниците Божји од сите времиња? Во тоа што над сѐ друго ја поставувале волјата Божја. Нивниот ум бил потчинет на волјата Божја и целото нивно ангажирање било насочено кон созерцание, како во личниот, така и во општествениот живот. Послушниците Божји го потчинувале своето срце на волјата Божја, за да бидат сите нивни копнежи и желби оддадени на неа. Божјите угодници биле богопослушници, зашто сите свои желби и стремежи ги насочувале според Божјата волја. Тие не знаеле за ништо поскапоцено од Божјата волја и немале никаков друг пат во својот живот освен патот осветлен од Божјиот закон. Па, дури и повеќе од тоа! Дури ни работите од секојдневниот живот не ги вршеле без да ги потчинат на волјата Божја.


Како христијани сите сме повикани да бидеме послушници на волјата Божја. Но, да не заборавиме дека на оваа должност се повикани особено монасите, кои го зеле својот крст и тргнале по Христа. Кој може да врви по Христа, ако не го зел крстот на богопослушноста? Каква полза за човекот ако не го знае Божјиот закон, а ја исполнува својата волја? Нели свети апостол Павле ни вели: „пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот" (Рим. 2, 13).


Сите ние треба да го потчинуваме својот ум на Божјиот закон. Умот да ни се воздигнува нагоре кон Бога и да се просветлуваме од Неговата светлина и во сѐ да го бараме Божјиот закон. На него да го потчинуваме целиот наш животен пат. Кога во човечкото срце Божјиот закон на доброто не е делотворен, многу други лоши сили проникнуваат во него и се раѓаат темни желби и стремежи кои не го издигнуваат човекот нагоре, туку го приврзуваат за гревот. Така, го прават немоќен за живот во доброто.


Можеби некој ќе забележи дека тоа е многу тешко да се постигне. Но, тука не станува збор за тоа дали е тешко, туку дали е полезно и неопходно за нашиот живот да бидеме богопослушни. Богопослушниците се синови Божји и како такви се синови на светлината. Таму каде што човечкото срце и човечкиот ум ја пренесуваат светлината, таму безусловно се извршува нешто полезно за сите луѓе. Затоа синовите Божји се полезни секогаш во животот. Тие се сол на земјата и светлина на светот (Мт. 5, 13-14).


Синовите Божји ја објавуваат Божјата љубов со збор и со дело. Следејќи ја таа волја во сопствениот живот неа ја благовестат за да се прошири сѐ повеќе во срцата и да ги опфати и обедини во покорувањето на Божјиот закон, како закон на доброто, љубовта, мирот, благочестието и почитта помеѓу луѓето. Сам Господ Исус Христос миротворцвите ги нарекува синови Божји (Мт. 5, 9). Тие се послушници кои ја извршуваат волјата Божја.


Сите овие зборови се однесуваат на нас христијаните, но најмногу на новозамонашениот. Честитајќи му го ангелскиот чин, му напомнуваме да се потсетува на тоа дека ние сите сме повикани да ја исполнуваме Божјата, а не својата волја. Нека го носи монашкиот образ за прослава на Триединиот Бог, за афирмација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за углед и достоинство на оваа света обител и за спасение на неговата душа. Амин!


Монашење во
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
07.07.2022 год.

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: