Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Непрестајно, како гласот на оној кој вика (во пустината), моли Го Избавителот на светот, Крстителу, да ја разреши неплодноста духовна, на оние кои го воспеваат твоето раѓање“ (песна од канонот на Утрена на празникот Рождество на св. Јован Крстител).   На 07.07.2022 година, торжествено беше прославен денот кога го прославуваме Рождеството на славниот пророк, претеча и Крстител Јован - Иванден, во манастирот „Св. Јова Крстител - Бигорски“. Празнувањето започна со пет нови монашења, пет нови подвижници, кои доброволно се откажаа од светот, за да Му служат на Бога. Имено, искушениците Драги Златковски, Џанго Котевски, Филип Гула, Анѓел Јовановски и Глигорчо Пуреовски го примија монашкиот потстриг од нашиот духовен водач, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, и ги добија имињата (според наведениот ред): Јоаникиј, Јоаким, Филип, Ангелариј и Григориј. Откако заврши чинот на монашењето, кон нив и кон верните Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто ќе ви ја пренесеме во посебна објава.

„Непрестајно, како гласот на оној кој вика (во пустината), моли Го Избавителот на светот, Крстителу, да ја разреши неплодноста духовна, на оние кои го воспеваат твоето раѓање“ (песна од канонот на Утрена на празникот Рождество на св. Јован Крстител).

 

На 07.07.2022 година, торжествено беше прославен денот кога го прославуваме Рождеството на славниот пророк, претеча и Крстител Јован - Иванден, во манастирот „Св. Јова Крстител - Бигорски“. Празнувањето започна со пет нови монашења, пет нови подвижници, кои доброволно се откажаа од светот, за да Му служат на Бога. Имено, искушениците Драги Златковски, Џанго Котевски, Филип Гула, Анѓел Јовановски и Глигорчо Пуреовски го примија монашкиот потстриг од нашиот духовен водач, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, и ги добија имињата (според наведениот ред): Јоаникиј, Јоаким, Филип, Ангелариј и Григориј. Откако заврши чинот на монашењето, кон нив и кон верните Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто ќе ви ја пренесеме во посебна објава.

 

Торжествата продолжија со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Аморејски г. Никифор од Грчката православна црква, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритите Амвросиј и Матеј од Грчката православна црква, Никанор од Бугарската православна црква, Доситеј, како и повеќе еромонаси, свештенослужители и ѓакони. На оваа празнична Литургија, пак, од раката на Митрополитот Тимотеј, во ероѓаконски чин беше ракоположен монахот Григориј. Од името на Епархијата му го честитаме чинот, со молитви и прозби кон Бога, достојно да го носи благиот јарем, и достојно и со бел образ да Му служи на Избавителот на светот. По завршувањето на Литургијата, беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Ние денеска го прославуваме раѓањето на свети Пророк Претеча и Крстиел Јован. Тој е оној што го приготвил патот на Господа и кој бил огнен проповедник на покајанието. Тој е светител за кого Самиот Господ Христос рекол: „Меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител " (Лк. 7, 28). За свети Јован е речено дека тој е проповедник на покајанието. Неговата главна мисија била мисија на покајание. Тој ги повикува луѓето на покајание. Што е тоа покајание? Покајанието е будење на совеста. Секој од нас знае дека совеста е внатрешниот глас кој нè обвинува за нашите престапи. Тоа е чувството на кривица. Ако формално и механички човекот пристапува кон исповед, како што неретко се случува во светата Црква, доколку не се кае вистински и не е разобличен од совеста, тогаш тоа што го прави е бесцелно. Да видиме што вели свети Јован Крстител и на што нѐ повикува. Тој е човек од Стариот завет. Луѓето се стремеле да ги исполнат законите од Стариот завет примени одозгора и преку нив да се спасат. Свети Јован ги повикува луѓето кон покајание затоа што тие отстапиле од Законот и тоа во најважното – во духовното и моралното што го носел тој Закон. За свети Јован Претеча и за оние што ги крстил на реката Јордан било многу важно да се воспостави врска со покајанието и на видлив начин, што се изразувало преку миењето во реката Јордан за прошка на гревовите. Законот, како правило за животот, дефинитивно бил нарушен од луѓето. Јован барал преку покајаните да се врати Законот во животот на луѓето. Навистина, Законот играл огромна улога во религиозниот живот на древните Јудејци, зашто давал јасни норми. Отстапувањето од нив значело нарушување на Божјата волја, а покајанието значело повторно воспоставување на врската со Бога. Јавното покајание било сведоштво за вистинското покајание внатре во човекот.


Но, ние знаеме дека во тоа време живееле и многубошци. Што се случувало со нив? Тие не го познавале Законот. Тие го немале Стариот завет и не го читале Светото Писмо. Но, ние денеска, во денешниот Апостол ги слушнавме зборовите на светиот Павле кој вели: „Зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат" (Рим 2, 14-15). Овие зборови во тоа време биле револуционерни. Јазичниците сами по себе имаат закон. Без сомневање овие зборови звучеле како богохулство и нарушување на Мојсеевиот закон. И тој закон барал покајание какво што барал и Пртечата. Како што вели апостолот Павле, незнабошците по својата природа прават добро и затоа се закон на самите себе. Што означува тоа дека по природа прават добро? Тоа значи дека природата на човекот е создадена од Бога и Законот што Бог го дал преку Мојсеја и Законот што го дал преку Христа, во себе имаат внатрешна онтолошка врска. Ова кажува дека моралните содржини на Законот, и на стариот и на новиот, се исто со моралната природа на човекот. На Бога му било угодно токму таков да го создаде човекот – во неговата природа е втиснато моралното начело кое во суштина соодветствува на Божјиот закон, како на старозаветниот така и на новозаветниот.


Навистина, тој морален закон постои кај секој човек. Сепак е потребен Божјиот закон кој јасно покажува како треба да се постапува. Затоа, свети Јован ги повикувал сите кон покајание за измирување на нивниот живот. Тој повик и денес се упатува кон нас. Потребно е сите ние искрено да се покаеме за нашите гревови, да побараме простување од Христа и да го исправиме нашиот живот. По молитвите на свети Јован Крстител и Претеча Господов, така нека биде! Амин!


Раѓање на свети Јован Крстител
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
07.07.2022 год.

 

 

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: