ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ

  † ГРИГОРИЈ, ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО–ОСОГОВСКИ, ИСПРАЌА БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТНСТВОТО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ХРИСТОС СЕ РОДИ!   „… Секој добар дар... Повеќе »
"БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ"

 

ГРИГОРИЈ,

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО–ОСОГОВСКИ, ИСПРАЌА

БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ

ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТНСТВОТО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

„… Секој добар дар и секој совршен дар е одозгора, слегува од Тебе, Отецот на светлината …“  

(Од заамвоната молитва во Литургијата на Свети  Јован Златоуст)

 

Христољубиви чеда,

„Слава на Бога во височините и на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја” (Лк 2, 14).

Невозможно е за денешниот човек, а секако и сите луѓе од сите времиња, да разбере како е можно Бог да се појави во човечко тело. Тајната на Божјото воплотување е неразбирлива Тајна која може да се реши само преку верата на човечкиот ум. И од таму, многу е полесно да се разбере ‒ зошто, Бог навистина го направи тоа спасително дело!

Раѓањето на Христос Спасителот, Бог, Кој стана Човек, од Пресвета Богородица и секогаш Дева Марија, е најголемото чудо на Небесата и Земјата, историјата и вечноста, во овој и во вечните векови. Вечниот Божји Син стана историски Син Човечки, за да нè направи нас луѓето Божји синови. Создателот стана суштество за да нè направи, како созданија Божји, бесмртни и обожени Божји чеда. Од Небото, од Царството Божјо, на земјата во нашето историско битие и живот слезе на земјата Вечниот и Непропадливиот, Бесконечниот и Непроменливиот Бог, за да нè направи од минливи и ограничени и променливи и смртни, во вечни и непропадливи, бесмртни во единствениот Бесмртен Бог ‒ во Богочовекот Христос Спасителот.

Нека се развесели Небото и да се израдува Земјата[1], вели светиот пророк и цар Давид, а ние повторуваме по него, зашто неможно е за човекот да ја искаже радоста и благоста што се раѓа во срцето од средбата со Богомладенецот Христос. Таа радост не стивнува и после изминати две илјади лета од Раѓањето Христово, туку напротив, расте и се зголемува, и нè поттикнува одново и одново да извикуваме: „Со нас Е Бог, разберете народи[2]“, покорувајќи Му се и пеејќи Му на името Негово[3].

Богословот на благодатта, Светиот Григориј Палама, во неговата божикна беседа, „Тајната на воплотувањето Христово“, ја толкува на следниот начин: „Со воплотувањето на Христос, Месијата во светот, на светот му е дарувана вселенска радост и мир, зашто, Бог дојде во Тело за на светот да му го донесе Својот мир и да го смири со највозвишениот Отец“[4].

Сите знаеме дека мирот е подобар од немирите, војните, агресијата на завојуваните страни, од крвопролевањето, од кавгите, од конфликтите ‒ политичките и организациските; меѓучовечките и меѓу народите. Сите го знаеме тоа. Но, токму ова е најголемата разлика меѓу личностите во Христос и индивидуите на солипсизмот. Личноста израсната во Христос ги користи сите свои морални и материјални душевни сили за да егзистира и да комуницира со сите само во мир, додека другиот, дури и да знае дека мирот е добро, богатство, сепак е најсреќен кога има расправии меѓу луѓето, инсистира само на доминација врз луѓето, создава плач и лелекања…

„Малку по малку, од лошо надојде полошо; бесој за поттикнување војни меѓу народите“[5].

Моќниците градат долги и пространи ходници покриени со скапи и тешки теписи, каде што гордо се движат денешните миротворци и богато украсените сали во кои ги одржуваат своите состаноци. Меѓутоа, од велелепноста на градбите не се пројавува духот на смирението, кроткоста и самоодрекувањето – духот на Витлеемската пештера.

Кога би сфатиле моќниците и великаните на овој свет, сите оние кои ги обликуваат технолошки и модернистички животите на милиони и милиони луѓе, кои со задоволство се фалат со своето миротворство, дека додека не проникнат во смирението на Витлеемската пештера, сè дотогаш народите ќе живеат во постојана неизвесност и несигурност и страв да размислуваат за утре…

„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“[6].

Блажени се оние што градат мир, бидејќи разбрале (спознале и познале) каде е Мирот, каде е неговиот извор, каде е неговиот почеток; нека се благословени оние што се украсиле со тие карактеристики на личноста, бидејќи не го оставија Богомладенецот во пештерата, во јаслите на Витлеем, туку Му дадоа подобро, подостојно место ‒ внатре во себе. Луѓето кои разбраа за Мирот, широко ги отворија вратите на нивните срца и таму, во нивните гради, Оној што им го донесе Божјиот мир, на сите луѓе што ќе Го примат во себе, како Господ и Спасител, Он ќе најде засолниште за Себе… и таквите знаат дека Мирот е навистина дар од Бога.

Мирот мора слободно да го присвои човекот; без насилство, слободно да се поврзе со него и секогаш да го користи разумно.

 

Витлеемци во срцата,

Грижете се за децата. Воспитувајте ги децата во добрина и чесност. Направете ги способни за самостоен живот. Вооружете ги децата, пред сè, со оружјето на Законот (Заповедите Божји), но и со императивите на универзалните принципи (пишани или непишани): правдата, правичноста и моралот. Вооружете ги децата да се борат против секакво зло и зли духови на небото ‒ немирите на овој свет. За оружје на децата дајте им го Христос. Нашите деца треба да Го љубат Христа; научете ги децата, дека Го љубиме Христос, бидејќи Он, како Господ, ни го дава Мирот. Научете ги децата дека Е Христос првда и правичност, дека во Него нема нееднаквост. Научете ги децата дека нашата Република е основана во Витлеемската пештера и дека нашето конечно царство не завршува во светот, туку дека Господ Христос, на оние што Го љубат, им подготвил Вечно Царство, дека вистинската правда вечно постои во онаа Држава за која Светото Писмо вели: „Величествени нешта се кажани за тебе, државо Божја“[7].

 

Почитувачи на Богомладенецот,

Небесната слава Божја, и спасителниот мир Христов, и добрата волја меѓу луѓето – денеска на Божик, и во сите денови од нашиот живот, да биде со сите нас! Да Го примиме Богомладенецот Христос во нашите срца, и во домовите на сите верни и благочестиви луѓе Божји. И Ти, Богомладенецу, услиши нè нас кои Ти се молиме и испрати го мирот на напатениот Македонски народ наш Православен, овде во Македонија и секаде во дијаспората каде што има Македонци, кој, еве веќе три децении е врз постојана агресија од соседите, не од нешто друго, туку заради своето именување е растргнуван. Македонскиот Православен народ е жеден за мир и љубов, правда и слобода, жеден за Христос, а само за него, како народ, не важат меѓународното право и начелата.

Веруваме дека нашиот Македонски Православен народ и понатаму целата своја надеж ја полага во Христос Спасителот, Кој  донесува и дава Мир во овој сеспасителен ден и Празник Божик.

Мирот Божји нека ги скроти сите искушенија коишто ги вознемируваат и сите православни народи, кои сè повеќе се растргнати однадвор и одвнатре, и тој Мир Божји да нè направи жедни за мир и љубов, правда и слобода, жедни за Христовото Царство, коешто Христос Спасителот ги носи и дарува за сите нас во овој сеспасителен ден и на празникот Божик.

Му благодариме на Богомладенецот Христос за тоа што АВТОКЕФАЛНОСТА НА НАШАТА МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ‒ ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА Е ЕМПИРИСКИ РЕАЛИТЕТ, Е ЗАВРШЕН ФАКТ! ЈА ОСТАВРИВМЕ АВТОКЕФАЛНОСТА ‒ НАШАТА КРАЈНА ЦЕЛ и, секако, КАКО АВТОКЕФАЛНА ЦРКВА ЌЕ НАПРАВИВМЕ СЕРИОЗЕН НАПРЕДОК ВО СЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ВО НАСОКА НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА КОНСЕНЗУС, КОЈ, СО ОГЛЕД НА МУЛТИЛАТЕРАЛИЗМОТ, СЕКАКО САМО ТЕОРЕТСКИ Е МОЖЕН. Од друга страна, пак, каков било орган во форма на светска влада во православието, кој би можел и практично (со сила на механизмот на политиката) да обезбедува и консензус, а во однос на многу современи прашања, би бил премногу моќен за да му се верува [8].

Возљубени во Христа,

И ние, како Мудреците, да Му се поклониме на Богомладенецот и да Му го даруваме нашите ум, разум и срцето да бидат Негово престојувалиште!

 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

Божик, 2023.

[1] Пс 95, 11.

[2] Ис 8, 9.

[3] Сп. Пс 65, 4 (Велики Прокимен на Рождеството Христово)

[4] Свети Григориј Палама, Беседа изговорена на спасителното Раѓање по тело на Господ и Спасителот наш Исус Христос, гл. 12.

[5] Maurus Servius Honoratus, Commentary on the Aeneid of Vergil, Georgius Thilo, Ed.

[6] Мт 5, 9.

[7] Пс 87, 86.

[8] Сп. Ев 7, 26-28

 

 

 

 

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: