ВЕСНИКАР

Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Дали верувате во чуда?

            Во врска со иконите кои од себе точат масло или некоја друга течност (крв, миро...), многу луѓе се обидуваат научно да објаснат дека тука се работи за некакво взаемно дејство меѓу топлината и маслото. Бидејќи јас не сум научник, не можам ништо да ви кажам од тоа гледиште.             Како Гркинка и православна христијанска воспитувачка, живеам во Светата Земја веќе пет години. Сакам да ви раскажам за еден настан кој го видов со свои очи и кој се случи во црквата на Светиот Гроб вечерта на Велики Петок, за време на грчката православна Божја служба кај Христовиот гроб.              Најпрво, околу еден часот наутро, за време на литијата во црквата на Светиот гроб, забележав дека иконата на Христос крвари. Литијата застанува на различни места во црквата, кои ги означуваат местата кадешто Христос го ударале, кадешто бил овенчан со трње, кадешто со клинци бил прикован на крст и кадешто лежело Неговото тело пред положувањето во гроб. Многу луѓе се собраа во посебниот мал параклис, посветен на ругањето на Христос, а кој сега е во посед на Грчката православна патријаршија. Полно луѓе се гураа, покажуваа и гледаа на Христовата икона, која го претставува ругањето на Христос за време на судењето. Во параклисот се наоѓаат три големи ѕидни икони, а оваа стоеше на средината на капелата. На неа Христос седи со врзани раце, а околу него шестмина кои личат на војници, му се ругаат и го удараат со долги стапови.           Следејќи ја литијата, во почетокот не обраќав внимание на народот од мојата лева страна, сè додека не чув една постара госпоѓа како на неколкумината владици на грчки им вели: „Иконата на Спасителот точи крв“. Бидејќи сум маловерна, не дотрчав веднаш да го видам тоа. Владиката ја смируваше госпоѓата велејќи дека ќе ја испита иконата. Откако го најдов својот сопруг Давид во масата на луѓе, му реков дека параклисот кој сега го поминавме е преполн со народ заради иконата која точи крв. Тој, како и обично не ме слушаше.             За време на молењето на грчки, руски и арапски јазик пред Христовиот гроб - најсветото место на земјата за христијаните и коптското „ортодоксно“ пеење зад гробот на нивниот јазик, едвај успеав да следам сè од молитвеникот. Збунета и преморена од четиричасовната служба се свртев накај мојот сопруг кој рече: „Мораш да отидеш да ја видиш иконата, таа крвари“. Во тој час веднаш потрчав назад до параклисот. Бидејќи Ерусалим беше испразнет од поклоници можев да се движам побрзо отколку кога од народ не можеш ни да се помрднеш. Во 2.30 часот се загледав во иконата на Христос, маслена слика која стоеше високо во средината на малиот параклис. Забележав четири траги од црвена течност на Христовата десна нога и пет црвени траги или места на левата нога.      Додека народот во параклисот пееше на руски, еден висок млад човек стоеше покрај иконата и со предмети добиени од луѓето ја бришеше течноста од иконата. Овие предмети беа свеќи, мали икони, парчиња памук, шалови, крстиња, платно и други нешта кои се нашле тој момент кај луѓето, кои беа желни да добијат масло кое со сопствени очи гледаа дека доаѓа од Христовата икона. Откако дотрчав до местото го дадов мојот црн шал на младиот човек. Тој скокна за да дофати и да ја избрише иконата. И колку и да бришеше од маслото од иконата, уште толку масло истиот момент се појавуваше пред нашите очи. Го помирисав шалот, кој немаше некој посебен мирис, а влажното масло го прими ткаенината.          Во 2.40 бев очевидец на трага од масло со црвена боја, која се појави на внатрешната страна на десната Христова нога под коленото на таа иста икона. Еден господин од мојата десна страна - подоцна ми рече дека се вика Коста Курталарис и дека е туристички водич од Кипар - се допре до мојата рака и рече на грчки: „Дали ја виде онаа крв, нова е, ја немаше пред десет минути“. Повторно бев збунета гледајќи пред своите очи нова црвена течност која ја немаше кога прв пат погледнав на иконата - се беше толку неверојатно. Ги броев црвените места за да можам да одговорам на прашањата на моите деца, кои обично ме прашуваат баш такви работи. Уште повеќе почна да ме збунува тоа што нова трага од масло кое потече пред моите очи почна да се продолжува и да тече по Христовата нога! Трагата беше со дебелина колку еден прст. Околу три часот наутро трагата од масло кое потече под коленото достигна до глуждот. Десет минути пред моето излегување од храмот на Христовиот гроб трагата на таа икона достигна до Христовиот прст. Господинот од Кипар го прашав колку пати има доаѓано во Светата Земја и дали видел порано течење на масло од таа икона. Ми кажа дека доаѓа во Светата Земја секоја година веќе дваесет и пет години и дека никогаш не видел такви траги на таа икона. Кога го прашав дали мисли дека тоа е чудо, го чув владиката Тимотеј од Грчката патријаршија како му рече на младиот човек кој го бришеше маслото од иконата, да ја остави иконата за да може да се испита спомнатиот настан.             Отидов дома немајќи потреба за истражување на она што го видов со сопствени очи: крварење на Христовата икона и појава на нови траги од крв која се слеваше по Исусовата нога - сето тоа го набљудував цел час за да можам да сфатам што се случува пред мене!          Не заслужувам да бидам сведок на Божјата слава, но чуствувам дека е света должност да се раскажува за тоа на други кои би сакале да го прослават Господа.            Се сетив на Христовите зборови на Апостолите кои ги чув на читањето на посланието за време на воскресната богослужба: „...И ќе ми бидете сведоци во Ерусалим и по цела Јудеја и Самарија и сè до крајот на земјата...“ (Дела ап. 1, 8).            Секоја вечер оваа седмица седејќи дома, ги гледав од планината кадешто живеам ерусалимските светла - помеѓу библиската Јудеја и Самарија. Бидејќи се најдов во Ерусалим на Велики Петок, тие зборови за мене значеа нешто посебно.               Дури ни откако го чув посланието не побрзав да пишувам за ова. Го прашав владиката Тимотеј за тоа за да ги потврдам црвените точки на иконата. Рече дека и самиот ги видел и дека Божјата милост се покажува на оние кои веруваат. Сепак не можеше да издаде официјално соопштение дека се работи за чудотворна икона, иако никогаш порано во тек на повеќегодишното молење во Светиот Гроб, не видел такви црвени капки. Мојата пријателка, сестра во Христа, Марија Стефанопулос, вели дека тоа е Света Земја и дека такви чудни појави често се случуваат. Дали верувате во чуда?Марија Хури, д-р на педагогија

ИЗВОРНАТА ОБЈАВА...


Ознаки: Нема
0 мислења
Пријави        

За читање: