Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот што седеше на гробниот камен, тој ни благовести велејќи: Христос - Спасителот на светот - воскресна од мртвите, и со благопријатна миризба ја исполни вселената. Радувајте се, луѓе, и веселете се!“ (воскресна стихира на утрена на Втор ден Велигден).   На 17.04.2023 година, на вториот ден од славното Христово Воскресение, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна пасхална беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот што седеше на гробниот камен, тој ни благовести велејќи: Христос - Спасителот на светот - воскресна од мртвите, и со благопријатна миризба ја исполни вселената. Радувајте се, луѓе, и веселете се!“ (воскресна стихира на утрена на Втор ден Велигден).

 

На 17.04.2023 година, на вториот ден од славното Христово Воскресение, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна пасхална беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Христос Воскресна!

На Воскресение Христово или на Пасха ни се дава откровението на благодатта и вистината, тоа што бесконечно го надминува сѐ она што им е дадено на луѓето. Законот се даде преку Мојсеја, а благодатта и вистината преку Исуса Христа. На вториот ден од Велигден, ги слушаме зборовите од св. ап. и ев. Јован: Бога никогаш никој не го видел, Единородниот Син, Кој е во прегратките на Отецот, Он го објави (Јн. 1, 18). Никој дотогаш не Го видел Бога. Ништо духовно не може да биде видено со телесни очи, а толку повеќе, пак, Самиот Бог.


Затоа ние живееме со вера, со која Го гледаме Невидливиот. Оваа вера ни ја дал Оној, Кој Го видел Бога и Кој е Син Божји. Кој Го знае Отецот како Синот и во Кого Отецот подобро се познава, за кого Тој вели дека е Он Негов Возљубен Син, Кој е по Неговата волја? И сѐ што е скриено во Отецот, Он го објавил со голема јаснотија и полнота на откровената волја на Отецот и патот на спасението. Тоа е всушност благодатта и вистината на Христовото воскресение.


Денешниот ден нѐ повикува да се радуваме и веселиме, затоа што со Христовото Воскресение е победена смртта, победени се сите демонски сили кои човечкиот род го држеа во заложништво и во страдање. Христос со Своето страдање, а особено со Своето Воскресение, слезе во адот, ги разруши адските вериги и го ослободи човечкиот род, давајќи му можност да Го следи Христа, Неговата наука, а преку тоа и да се спаси за вечност. Затоа овој празник и нѐ повикува да се радуваме и веселиме. Светоста и веселието на денешниот празник произлегуваат од споменувањето на Исуса Христа, Кој е Извор на секоја светлина и веселба. Како што светлината и топлината доаѓаат на Земјата од Сонцето, така и светлината и радоста се изливаат на денешниот празник од Исуса Христа. Така слушателите и благочестивите христијани, како од некој извор можат и се должни да зацртаат за себе светлина и веселие, спомнувајќи си дека доаѓа од Христа Исуса. Денешниот празник ги повикува и праведниците и грешниците на прослава, на светост и радост. Спомнувањето на Исуса Христа те ослободува од гревовите и го исполнува твоето срце со радост. Исус Христос е преисполнет со светост и со преобилна веселба и, така, минувајќи во споменот на Него, долго останува во душата таа светлост и веселба, како сад преполн со благоухание, даден на целиот свет, на оние кои се приближуваат кон Него. Така Исус Христос, како неисцрпен сад на светлост и веселба, ја излива светоста и веселбата на секој кој си спомнува за Него.


Спомнувањето на Исуса Христа и Неговото Воскресение кај секој верник предизвикува радост, независно во каква душевна и телесна состојба се наоѓа. Ако наидуваат разни мисли на колебливост, треба да ги отфрлиме и да се загледаме во Воскреснатиот. Ако ни доаѓаат мисли на разочарување, треба да се сетиме повторно на Воскреснатиот и на истите да не им дадеме простор во нашата мисла и во нашето живеење, па сите позитивни и благородни идеи и мисли да ги спојуваме со Воскреснатиот Христос. Само така ќе го прославиме овој празник во радост и веселба, како што му доликува на секој православен христијанин да ликува и да го слави светлото Христово Воскресение.


Да се обратиме кон Господа Христа, Тој да воскресне најпрво во нашите срца и души, да нѐ облагороди и препороди, па да ја засакаме Неговата наука, Неговите принципи и учењето на светата православна Црква, па да живееме и постапуваме според нив. Така ќе Го прославуваме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сета вечност.


Христос Воскресе. Амин.

Велигден – Втор ден
храм „Св. Ѓорѓи“ Струга
17.04.2023 г.

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: